Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во петокот изјави дека хрватските војници сигурно ќе одат во Украина доколку Хрватска учествува во новата мисија на НАТО за таа земја и повтори дека се противи на тоа бидејќи тоа значи влегување во војна.
Последните денови изби конфликтот меѓу претседателот Милановиќ и владата, која сака да испрати до пет офицери во акцијата на НАТО за безбедносната помош и обука на Украина (NSATU). Владата тврди дека активностите ќе се вршат во Висбаден, во Германија, а Милановиќ дека хрватски војници ќе одат и во Украина.
„Мисијата ќе биде присутна во Украина, сто проценти и тоа мора да се знае“, изјави Милановиќ на новинарите, пренесува агенцијата Hina.
„НАТО ќе биде присутен во Украина и нашите луѓе ќе бидат дел од тимот кој за Украина подготвува воени операции… тоа е влегување во војна!“, предупреди врховниот командант на хрватската армија.
Милановиќ, сепак, додаде дека Хрватска е подготвена да им помогне на своите сојузници на источното крило на Организацијата на Северноатлантскиот договор.
„Тоа е една работа, тоа е наша обврска. Тука станува збор за штабно планирање, тука се планираат оперциите, количествата, ресурсите, планови, а што е најлошо е што немаме контрола над тоа“, објасни Милановиќ.
Како одговор на критиките од владата дека не се спротивставил на мисијата на самитот на НАТО во Вашингтон во јули кога била донесена одлуката, тој рече дека веднаш по враќањето најавил дека Хрватска нема да учествува во неа и дека не му е грижа кои земји би учествувале.
„Богами, да не беше почесно луѓето да одат и да се борат таму. (Премиерот Андреј) Пленковиќ сигурно ќе беше првиот. Тоа би било налудничаво, но почесн. Ова е зад грбот“, смета Милановиќ.
Поради неговото противење на мисијата NSATU, Пленковиќ претходно во петокот посочи дека Милановиќ се согласува со рускиот претседател Владимир Путин.
„Го разбирам (унгарскиот премиер Виктор) Орбан. Тој има ‘договор’ со (рускиот претседател Владимир) Путин. Има евтин гас и евтина нафта. Ме интересира каков ‘договор’ има Милановиќ со Путин. Нема хрватски национален интерес, само голема штета“, рече Пленковиќ.
Претседателот го обвини премиерот дека „постојано црта мета на главите на луѓето“. „Тоа е многу опасна изјава во Европа денес…тоа е многу опасно дивеење, тоа е она што овој социопат постојано го прави“, рече Милановиќ.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан предизвика критики на почетокот на јули со средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, веднаш откако во Киев се сретна со украинскиот претседател Володомир Зеленски, а за тоа не се консултираше со европските партнери, со оглед на тоа што Унгарија претседава со ЕУ.
Будимпешта, која повеќе од деценија е во разни спорови со Киев, е единствената членка на ЕУ која остана блиска со Москва и покрај војната во Украина, редовно ги критикува санкциите против Русија и не сака да испраќа воена помош за Киев.
Активностите на НАТО за поддршка на безбедноста и обуката за Украина беа договорени на самитот во Вашингтон во јули оваа година. Мисијата ќе ја сочинуваат околу 700 членки од НАТО членки и партнерски земји, а целата операција ќе биде координирана во Визбаден, Германија. Таа треба да ја координира испораката на оружје во Украина и обуката на украинските војници.Етихад арената“.