Претседателот Зоран Милановиќ во петокот изјави дека Европската унија се однесува кон Хрватска како да е „тринаесеттото прасе“ со тоа што не ѝ дозволува да учествува во воената мисија во соседна Босна и Херцеговина.
Во мисијата на ЕУФОР „Алтеа“, којашто ја замени мисијата СФОР на НАТО во 2004 година, учествуваат повеќе од илјада војници од дваесет земји но не и Хрватска, на чиешто учество се противат бошњачките политичари и некои европски земји.
„Парадоксално е што Хрватска е фамозна за да оди во Авганистан и е неопходна за обука на украински војници кои се борат во крвава војна со којашто не сакам мојата земја да има повеќе од минимум и повеќе од хуманитарна помош, но смрди кога да се испратат пет офицери треба во некаков штаб во Босна и Херцеговина“, изјавил Милановиќ на новинарите кого го цитира агенцијата Hina.
Најави дека јавно ќе го објави „дрското одбивање“ што шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, му го упатил на хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, затоа што „нѐ третираат како тринаесетто прасе, на навредлив начин“.
Но Грлиќ Радман претходно во петокот изјави дека писмото на Борел не е навредливо, дека нема намера да го објави и дека не му е јасно како Милановиќ го добил интерното писмо.
Милановиќ возврати нарекувајќи го шефот на хрватската дипломатија „неписмен безвезник“ и ја обвини владата дека води вазална надворешна политика.
„Немаш надворешна политика, немаш јасен став, молиш… Тој безобѕирно те откачува и ти велиш ‘Па тоа не е наврделдиво’. Па не е за тебе клетнику навредливо, дај го некому кој разбира тоа да го прочита“, рекол Милановиќ.
Според него, Хрватска треба да се улгеда на земјите како Германија и Финска, кои својата надворешна политика ја водат „исклучиво себично“.
„Хрватска е членка на Дејтонскиот договор, а Германија не е. Германскиот парламент се занимава со внатрешната организација на Босна и Херцеговина, додека Хрватска блее, брмчи и не кажува ништо“, рече тој.
Милановиќ, кој беше премиер од 2011 до 2015 година, рекол дека неговата влада не го покренала прашањето за учество во мисијата во БиХ од тактички причини, бидејќи тогаш имало поважни цели што требало да се постигнат.
„Сега нема причина да не третираат како трета категорија“, а Хрватска има посилна позиција од кога и да е, рекол хрватскиот претседател.