Миле Јанакиески по три години излегува од куќен притвор, ќе се брани од слобода

Поранешниот министер Миле Јанакиески по три години во притвор и куќен притвор ќе продолжи да се брани од слобода во предметите во кои е обвинет, како „ТНТ“, „Титаник“, „Талир“, „Топлик“, „Траекторија“, и „Шпански скали“, одлучи Апелациониот суд Скопје. Судот ја уважил неговата жалба да биде укината мерката куќен притвор, а место тоа му одреди поблаги мерки на претпазливост: Забрана за напуштање на територијата на РСМ и Град Скопје, Обврска обвинетиот да се јавува во судот и Забрана за издавање на друга патна исправа.

„Апелациониот суд Скопје до Основниот кривичен суд Скопје на 18.11.2021 година достави решение КСЖ бр. 605/21 со кое второстепениот суд постапувајќи по жалбата изјавена од одбраната на М.Ј., обвинет во предметите со КОК 53/17 означен како „Т.Н.Т.“, КОК 7/18 означен како „Титаник“, КОК 3/19 означен како „Талир“, КОК 57/17 означен како
„Топлик“, КОК 52/17 означен како „Траекторија“ и КОК 30/20 означен како „Шпански скали“, ја уважи жалбата за укинување на мерката куќен притвор. Според решението на Апелациониот суд, на обвинетиот му се определуваат мерки за претпазливост, односно: Забрана за напуштање на територијата на РСМ и Град Скопје; Обврска обвинетиот да се јавува во судот и Забрана за издавање на друга патна исправа“, ја објави одлуката на повисокиот суд Основниот кривичен суд Скопје.