Очекувано е за време на празници да се зборуваат убави работи, да се слушаат фалби и пофалби. Сепак ние знаеме, граѓаните паметат, но за да ги освестиме локалните власти, ќе ги запрашаме. Кој ја изгради градската капела? Кој го доби и започна проектот за реконструкција на Домот на културата?, прашува Марјан Миленковски, од ВМРО-ДПМНЕ Општински Комитет Пробиштип.
Kажа дека во оваа прилика нема да зборува за анексот на договорот во вредност од 50.000 евра за измислени неизвршени работи.
-Кој ги направи сите подготовки за реконструкција на улицата во Старо Калниште? Кој го изготви проектот за ново осветлување на градскиот плоштад? Кој го изготви проектот и ја обезбеди донацијата од словенечката влада за реконструкција и автоматизација на постојните водоснабдителни системи?, праша Миленковски.
Запраша и која влада во 2017 година со ребаланс ги тргна парите наменети за завршниот слој на улицата Миро Барага, за сега да се фали со истиот.
Кога конечно ќе биде тендерот за реконструкција на патот до Крупиште? Помина пролетта, помина месец јуни, јули, ајде сега ќе почекаме и до 5-ти септември. Дали оваа локална власт во периодот од речиси една година исполни барем едно ветување од многуте дадени пред изборите. Досега баш и ништо не видовме, ништо на терен, ама затоа ги гледаме на манифестации, партиски прослави и прошетки, изјави Миленковски.
Тој на власта и порача да престанат со бедните изговори за нивното неработење, да престанат да се китат со туѓи перја.
-Засукајте ги ракавите и работете како што сте им ветиле на граѓаните. Тие ве избраа и тие ќе ве казнат и тоа многу брзо, порача Миленковски.