Милевски: Нашата цел е да го потврдиме првото место во групата

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, очекува неговите избраници да одиграа добри два натпревара во ноемврискиот прозорец од Лигата на нации и да го потврдат првото место во групата.

-Максимален респект за Летонија. Воопшто не треба да не залажува резултатот од првиот меч, одиме максимално, одговорно кон нов добар резултат. Имам потенцирано многу пати дека овие момци, без разлика што им се случува во клубовите, повреди, натпреварувачка форма која е лоша, кога доаѓаат за репрезентација даваат 100%. Нивниот карактер како играчи, но и како личности се перфектни и тоа им помага кога доаѓаат на собир на репрезентација да бидат на највисоко ниво. Тоа што им се случува во клубовите не е во наша моќ, но по она што го покажуваат во репрезентацијата јас имам само пофални зборови. Секој си има план и подготовка. Спремни сме на се она што не очекува околу утрешниот противник. На нас самите е да одиграме. Ме радува што за нештата сами одлучуваме. Морам да го истакнам задоволството од она што го видов како информација на терен што се однесува до новите фудбалери во тимот. Имаат потенцијал за да бидат дел од овој тим, изјави Милевски на вечерашната прес-конференција.

„Црвено-жолтите“ утревечер (20:45 часот) ја пречекуваат Летонија на Националната арена „Тодор Проески“.

Во последниот натпревар од групата, Македонија ќе се соочи со Фарски Острови, на 17 ноември, исто така во Скопје.