Министерот за локална самоуправа Горан Милевски утре ќе поднесе оставка до Владата. Милевски, како што изјавил за МИА, се повлекува од министерската функција поради лични причини.
Според Милевски, до крајот на неделата се очекува неговата партија, Либерално-демократската партија (ЛДП) да предложи нов кандидат за министер.
„Се искучува можноста тоа да биде некој од пратениците“, изјави Милевски.
Милевски во саботата потврди дека идната седмица ќе се повлече од функцијата министер за локална самоуправа.
Веќе извесно време во политичките кулоари се шпекулира дека Милевски размислува за целосно повлекување од политиката, велат извори на НетПрес кои се повикуваат на разговори со сѐ уште актуелниот претседател на ЛДПа. Во меѓувреме во партијата со месеци наназад се водат разговори за негов наследник на челната позиција, додаваат.
Претходно во петокот беше објавено дека Милевски прво ќе се повлече од министерската функција, додека партиската функција ќе ја извршува до следниот редовен конгрес, што треба да се одржи до крајот на годинава.
Неофицијално, најсериозен кандидат за нов лидер на либералдемократите е потпретседателката Моника Зајкова, која е еден од двајцата пратеници, заедно со Боби Мојсоски.
Горан Милевски e член на Либерално-демократската партија од 1995 година. Од 2015 година ја извршува функцијата претседател на ЛДП. За министер за локална самоуправа е избран на 27 јуни 2019 година.