Милевски за францускиот предлог: Доколку утре се бара одлука, ние ќе бидеме против

Претседателот на Либерално-демократската партија (ЛДП) и министер за локална самоуправа, Горан Милевски, порача во понеделникот дека доколку утре се бара одлука на Влада за францускиот предлог, тој ќе биде против ваквата одлука.

„Ние уште немаме одлука на партиски органи. Ако се инсистира на брз процес, тоа нека се прави без нас. Ако нешто ветиле без наша согласност, тогаш нека се прави без нас. Ако ги почитуваат нашите ставови, тогаш треба да ни се даде простор да го искомуницираме тоа меѓу нас и со граѓаните, да видиме дали е прифатливо“, рече Милевски.

„Во овие околности, кога има дијаметрално спортивни размислувања за ист документ, нас ни е неопходно да ги видиме сите факти, со цел да не направиме некакви грешки при донесување во одлуката. Најголем проблем за нас е образованието и историјата. Нашиот став е во ЕУ да влеземе како Македонци, а не како втора бугарска држава“, додаде Милевски за ТВ 24 по средбата со претседателот Стево Пендаровски.