Милијардерот Џим Ретклиф стана малцински сопственик на Манчестер Јунајтед

Британскиот милијардер и претседател на големата хемиска компанија INEOS, Џим Ретклиф стана сопственик на малцински пакет акции на Манчестер Јунајтед, објави во неделата еден од најголемите фудбалски клубови во светот.

Во процес кој траеше нешто повеќе од една година, Ретклиф купил 25 отсто од сопственичкиот удел, плаќајќи 33 американски долари по акција.

Катарскиот шеик Јасим бин Хамад ал-Тани, исто така, сакаше да купи удел, но се откажа од процесот велејќи дека нема да ја подигне својата понуда од 6 милијарди долари, оставајќи го британскиот милијардер да склучи договор со мнозинските сопственици, семејството Глејзер.

Компанијата INEOS на Ретклиф ќе го преземе управувањето со фудбалските операции на Манчестер Јунајтед и ќе инвестира 300 милиони долари во клубот.

„Како дел од трансакцијата, INEOS го прифати барањето на Управата да ѝ биде делегирана одговорност за управување со фудбалските активности на клубот. Ова ќе ги вклучи сите работи кои се однесуваат на машкиот и женскиот тим, како и за фудбалската академија, покрај две места во управниот одбор на Манчестер Јунајтед PLC и на раководството на фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед“, се вели во соопштението на клубот.

INEOS на Ретклиф има неколку други фудбалски клубови во своето портфолио: францускиот прволигаш Ница, швајцарскиот суперлигаш Лозана-Спорт, а има соработка и со Расинг клуб Абиџан од Брегот на Слоновата Коска. Една од најпознатите врски меѓу INEOS и спортот е онаа од светот на велосипедизмот, во кој Гренадирсите се еден од најуспешните тимови. Компанијата е долгогодишен партнер на тимот на Мерцедес во Формула 1, а ја поседува и јахтата „Britannia“, британскиот предизвикувач во Купот на Америка.