Стан на њујоршки Менхетен е продаден за 238 милиони американски долари, со што стана најскапата недвижнина некогаш продадена во САД, пренесува во четвртокот BBC.
Станот кој се наоѓа во луксузна зграда на адресата 220 во Сентрал Парк, има четири ката и, секако, поглед кон славниот њујоршки парк. Купувачот е милијардерот Кен Грифин, основач на инвестицискиот фонд „Citadel“.
Педесетгодишниот Грифин во понеделникот веќе се појави на насловните страници кога купи уште една луксузна недвижнина, 124 милиони долари вредната куќа покрај Бакингемската палата во Лондон.
Сопственик е и на најскапиот стан во Мајами, за кој во 2015 година плати 60 милиони долари и во Чикаго за кој минатата 2018 година издвои 59 милииони долари. Милијардерот поседува уште три луксузни куќи во Чикаго, шест во Палм Бич на Флорида и две куќи на Хаваи.
Пред споменатиот стан во Сентрал Парк, најскапата недвижнина во САД беше куќа во Ист Хемптон, којашто во 2014 година е продадена за 137 милиони долари.