Томислав Тунтев лани во својата прва година како директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство поделил милион евра, односно 60,8 милиони денари за нето-плати на 68 вработени, пишува во отчетот што ова регулаторно тело го достави на одобрување во македонското Собрание, објавува Фактор.
Сега просечна плата на вработените кај поранешниот пратеник е 75.000 денари, без придонеси, персонален данок и други давачки, односно го задржува трендот секоја година да расте за околу две и пол илјади денари повеќе во агенцијата која се самофинансира од дозволи и надоместоци од воздухопловните оператори.
Да потсетиме декла ова се случува во време кога имаме 40.000 невработени во државата.
Од друга страна, Државниот завод за статистика констатира пад од 9,5 проценти на индустриското производство во јули годинава во однос на јули минатата година. Во првите седум месеци од годинава споредено со истиот период лани индустриското производство е намалено за 3,8 проценти.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во јули годинава во однос на јули минатата година, бележи опаѓање од 36,1 проценти, во Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6,5 проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 2,6 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Инаку, Томислав Тунтев, кадар на СДСМ, ја напушти пратеничката функција на почетокот од минатата 2019 година за да директорува со Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба. До пред три години платата таму беше во просек 65.553 а бројот на вработени варира од 67 до 69. Бруто-платата со сите надоместоци сега е над 100.000 денари.
Според надлежностите иако оваа aгенција е финансиски и функционално независна од другите државни органи, за својата работа сепак одговaра пред Собранието. Од наплата годишно собира од три до четири милиони евра.
Години наназад АЦВ имаше пад на приходите во низа, а пред десетина години имаше проблеми и како должник на УЈП. Регулаторот во последните неколку години работи со добивка, а минатата приходите во однос на расходите биле за 19 милиони денари поголеми.