Милиони на протестите во Франција, судири и приведени

На деветтиот ден од штрајковите и протестите против пензиската реформа, француската полиција во четвртокот разбиваше анархисти меѓу главно мирните демонстранти, коишто според организаторите ги имало денеска над 3,5 милиони ширум Франција а 1,5 милиони според процените на полицијата, а нова мобилизација е најавена за вторник.

Денот протече во блокади на железничките станици, коловозите и дел од парискиот аеродром „Шарл Де Гол“.

Меѓу демонстрантите имаше учители и претставници од други професии коишто ја прекинаа работата за на улиците ширум земјата да го искажат огорчување откако владата заобиколувајќи го парламентот ја протурка својата реформа за кревање на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Во централните квартови на Париз протестите главно беа мирни, оценуваат медиумите, но помали групи анархисти коишто себеси се нарекуваат „Black Block“ кршеле излози, уништувале јавен уличен инвентар и демолирале ресторан на „McDonalds“.

До судирот меѓу полицијата и малите групи кога полицајците реагирале со солзавец. Телевизискиот канал BFMTV наведува полициски извор според кој приведени се околу 30 лица меѓу кои и за носење оружје.

Протестните собири биле тензични и во другите француски градови, како Бордо, Нант и Рен, според француските медиуми. Само во Париз, според синдикатот CGT имало 800.000 демонстранти, додека полицијата проценува дека ги имало 119.000. Притоа, мобилизирани се околу 12.000 полицајци.

 

Се чека одлуката на Уставниот совет

Протестите и штрајковите со седмици наназад беа главно мирни, но изминатите денови се зголемуваше бројот на насилно судири со полицијата.

„Сакаме ненасилни акции кои ги почитуваат сопственоста и луѓето“, изјави Лорен Бергер од синдикатот CFDT во обидот да ја смири тензичната ситуација.

Французите, покрај зголемувањето на возраста за пензионирање на 64 години, протестираат воопшто против политиките на владата на претседателот Емануел Макрон.

Протестите се интензивираа откако владата ги протурка законот за кон вели дека треба да го спречи јазот во пензиските фондови, низ парламентот Националното собрание без гласање. Во понеделникот вечерта тесно пропаднаа двата обида за изгласување недовреба на владата, по што реформата беше донесена.

Одлуката на владата сега ја испитува Уставниот совет, но не е одреден рок кога ова тело треба да ја донесе конечната одлука. Макрон сака реформата да стапи на сила до крајот на годината.

„Реформата беше многу тешка. Бараме од луѓето да се потрудат. Тоа никогаш не е популарно“, изјави претседателот Макрон во телевизиско интервју претходно седмицава.

Меѓутоа, како што додаде Макрон, меѓу анкетите и краткорочното планирање и општиот интерес на земјата, тој го избира општиот интерес, порача претседателот бранејќи ја пензиската реформа.

 

Нова мобилизација во вторник

Поради штрајковите во четвртокот беа откажани возовите и летовите, а средните училишта и универзитетите делумно беа блокирани. Блокадата на складиштата на нафта којашто е во тек резултираше со немање на најмалку еден вид гориво на 15 отсто од бензинските црпки во земјата.

Синдикатите во четвртокот повикаа на десетти ден мобилизацијата, што ќе се одржи во вторник со нови штрајкови и протести.

„Додека извршната власт се обидува да ја сврти страницата, ова постојано социјално и синдикално движење ја потврдува својата решителност на светот на трудот и младите луѓе да изборат повлекување на реформите“, порачаа синдикатите.