Трансакции oд милиони евра за улично осветлување на Струга всушност се слеваат на сметки на актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат Рамиз Мерко и на Армен Кадриу, обвини на прес-конференција Идри Истрефи од Алијанса за Албанците. За овој, како што го нарекоа корупциски скандал од големи размери партијата ги известила Јавното обвинителство и Финансиската полиција.
Станува збор за изнуда и кражба на милиони евра од буџетот на граѓаните на Струга од страна на двојката Рамиз Мерко – Армен Кадриу, а тоа трае неколку години преку една сомнителна концесија со многу законски прекршувања. склучена во вториот мандат на Рамиз Мерко помеѓу општина Струга и приватната фирма за јавно осветлување Сити лајт, рече Истрефи.
Досега само се зборуваше за овој скандал, но Алијанса тврди дека сега обезбедиле докази.
Милионите што општина Струга ѝ ги дава на оваа компанија одат директно во џебовите на Рамиз Мерко и Армен Кадриу а за тоа сведочат десетиците банкарски трансакции кои што ние ги обезбедивме и кои ќе ги предадеме на сите медиуми во државата. Ќе им доставиме податоци за датумите, износот и субјектите на трансакциите, но не и оригиналните записи, бидејќи сакаме да ја осигураме безбедноста на изворот. За сите овие трансакции се известени Јавното обвинителство и Финансиската полиција, а за нивното нереагирање ќе треба сами да одговорат – нагласи Истрефи и повика на итна реакција на институциите.
Истрефи додаде дека станува збор за милионски суми на евра уплатени од Сити лајт „на приватната сметка на Армен Кадриу и неговото семејство и на сметката на приватниот универзитет на Мерко.
За да биде скандалот уште поголем, Владата во текот на овој мандат исплати 50 отсто од долговите на општините. На општина Струга ѝ беа доделени над 2 милиони евра, додека Рамиз Мерко меѓу десетиците фирми ја избрал токму Сити лајт за одеднаш да и исплати над 1,2 милиони евра од тие средства. Причината се знае – изјави Идри Истрефи.
Мерко инаку во Струга влезе во вториот круг со кандидатот на Алијанса за Албанците.