После едно мое интервју во кое ја појаснив позицијата на МААК против влезот на Република Македонија во воената НАТО организација и нашето 30-годишно опстојување на платформата за неутралност во меѓународните односи, платените пропагандисти за НАТО придобивките почнаа да се подбиваат со неутралноста како идеја, преферирајќи ја милитантноста пред миротворноста.
Бидејќи се уверивме дека тие дејствуваат по принципот на сврзани садови, односно една теза пласирана од „стратегиските партнери“ од „меѓународната“, најпрво се полни во главите на раководството, па потоа по принципот на сврзани садови се прелева и до последната глава подготвена за перење мозок, еве да појаснам неколку работи. Со докази, се разбира.
Најпрво, што значи неутралноста на една држава? Еве како тоа изгледа на примерот на Швајцарија.
На времето Швајцарците се бореле во премногу битки, во корист на премногу и различни страни, а сите големи сили околу нив сакале да ја завладеат Швајцарија заради нејзината стратешка локација како „чувар на Алпите“ (нешто многу познато низ историјата на Македонија). Токму заради таквиот однос, Швајцарија е неутрална веќе 500 години, дури и во време пред Вестфалскиот договор, а својата неутралност ја губи само во времето на Наполеоновите војни. Веднаш после тоа, за време на Виенскиот конгрес за воспоставување мир во Европа, во 1814-1815 година, Швајцарците понудиле елегантно и профитабилно решение за целиот континент – неутралност, според Декларацијата за неутралност напишана од Шарл Пикте Де Рошмон и ратификувана од Виенскиот конгрес.
Оттогаш, Швајцарија, вклучително и во двете светски војни, е неутрална и Швајцарците уживаат во благодетите на неутралноста.
„Последиците од неутралноста се насекаде“.
Вака за Би-Би-Си коментира Клајв Черчил, професор по европски науки на Универзитетот во Кент, Англија, и автор на три книги за Швајцарија. И продолжува:
„Каде има штета од бомбардирање во Швајцарија?“. Одговорот е: „Никаде!“.
Според Черчил, „целиот Берн е на листата на УНЕСКО заради историските згради и прочуениот часовник направен во 1530 година; Ор, најстариот град во Швајцарија ги зачувал и римските остатоци, а Белинцона трите средновековни замоци и историските камени села“.
Токму заради својата неутралност Швајцарија 30 години ги претставуваше интересите на Вашингтон во Иран и интересите на Техеран во САД, со што даде исклучителен придонес за светскиот мир.
За нормален човек и само овие неколку податоци се доволни за да не се подбива со благородноста на идејата за неутралност. За оние другите, што и да напишете не успевате да влезете во нивниот систем на сврзани садови.
Заради сето ова во 1990 година, МААК донесе Декларација за неутралност и демилитаризација на Република Македонија, чија потреба беше препознаена и потпишана од над 170 врвни членови на речиси сите државни Академии во светот. Доколку беше прифатена од македонската јавност и реализирана, денес наместо разурнатиот манастир во Лешок, хотелот во Челопек и многу други разурнати објекти, и ние како и Черчил за Швајцарија, ќе прашувавме: „Каде има штета од бомбардирање во Македонија?“. За жал, реалноста која ја доживеавме со нашите НАТО пријатели е сосема поинаква.
А, сега неколку факти за НАТО.
НАТО е формиран на 4 април 1949 година. За прв генерален секретар е избран британецот Хастингс Исмеј, кој изјавил дека целта на организацијата е „одбрана од СССР под раководство на САД и ,внимавајте, Германија да се држи потчинета“ (колку висока и благородна цел – некого да држите во потчинетост). Во 1952 година кон сојузот се приклучуваат Турција и Грција, што е исклучително важно да се знае бидејќи како членки на НАТО во 1974 година со воени дејствија го делат Кипар на Република Кипар и Северен Кипар, без НАТО да мрдне со прст бидејќи нели тоа е внатрешно прашање на земјите членки на НАТО (после официјалното приклучување на Република Македонија кон НАТО, евентуалната поделба на државава, за која сонуваат соседите, ќе биде „само“ внатрешен проблем на земји членки на НАТО).
Во 1954 година тогашниот СССР како сојузник против фашизмот во втората светска војна започнал кампања да стане дел од НАТО пактот заради зачувување на мирот и стабилноста во Европа. Нормално, ваквата иницијатива е одбиена, а на 9 мај 1955 година, еден дел од „потчинетата“ Германија, оној западниот, е вклучен во НАТО, па само пет дена подоцна, на 14 мај 1955 година, е формиран Варшавскиот пакт. Останатото е историја.
Бидејќи не можев да дојдам до понови информации, ќе презентирам информации од 2008 година во врска со трошоците на НАТО, во кои во еден дел ќе мора да учествува и Република Македонија и секој даночен обврзник. Еве вака:
Според „Кришчн Сајенс Монитор“, лет на еден бомбардер, во зависност од моделот, чини меѓу 10 и 15 илјади долари на час. Дневното користење на носач на авион преку 3 милиони долари, една ракета “Томахавк“ околу еден милион, а само еден оброк на НАТО војник 6,77 долари. Притоа, колку за информација, една проценка на Конгресот на САД околу тогашните воени активности во Ирак вели дека само ангажирањето на воените трупи изнесувало 14 милијарди долари, првиот месец на војната нешто повеќе од 10 милијарди, а секој нареден месец уште по 8 милијарди. Според Вилијам Нордхаус, економист од универзитетот Јејл, војната во Ирак чинела неверојатни 1.000 милијарди долари. Сите овие трошоци во последниве 12 години сигурно се неколкукратно зголемени, што кај секого што размислува со сопствена глава, мора да ја вклучи црвената сијаличка со прашањето – а, колку ли Тамари во светот ќе беа излечени со овие пари?
Истовремено, стручњаците на Меѓународниот институт за проучување на мирот –СИПРИ во Стокхолм објавија дека од 3200 година пред нашата ера, до денес, во светот се водени 14.560 војни, во кои загинале 3,6 милијарди луѓе. Притоа, за убивање еден војник во војните од почетокот на 20 век требало да бидат потрошени 25.000 долари, а на крајот на 20 век, на пример во тек на НАТО агресијата врз тогашна СР Југославија во 1999 година, дури 10,4 милиони долари.
Убивањето, пак, на децата, жените, старците, објавено како колатерална штета после секоја војна, воопшто и не се пресметува, бидејќи луѓето цивили немаат вредност за Господарите на војната.
На крајот, колку за информација, една Естонија, на пример, потрошила 8 милијарди долари за влез во НАТО, а Република Македонија во периодот од 2009-2017 година од Буџетот потрошила 62,7 милиони евра под ставката „интеграција во НАТО“. Само не знам дали овде спаѓаат и средствата потрошени за НАТО фест, или промашената прослава за влез во НАТО минатата година?
Бидејќи за жал на Република Македонија и македонскиот народ им беше одземено најсветото – името, идентитетот и историјата, заради веќе извесното членство во НАТО, текстов нека остане како сведоштво за едно време, време на погрешни одлуки, што многу скоро ќе се докаже.
Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес