Милошевски: Наместо развој на културата, завладеаја партизацијата и сталинистичките методи

Во Македонија наместо да дојде живот, на власт дојдоа неспособни неработници. Наместо развој на културата, во Македонија завладеа варваризмот, реваншизмот, партизацијата и сталинистичките методи на владеење. Наместо прогрес, гледаме уназадување и рушење, изјави на прес-конференција Mилош Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Роберт Алаѓозовски не формираше совет за култура, туку совет за лечење фрустрации и варваризам. На членовите на овој совет не им беше доволно рушењето и сквернавењето споменици во платеничката револуција на СДС и Сорос, туку сега планираат покрај јадењето живи луѓе да ги изедат и спомениците на македонските херои и победи. Владе Милчин од Сорос, Ѓунер Исмаил, Мирослав Грчев и уште плејада други војници на СДС и Сорос седнаа во фотелјите во министерството за култура каде наместо да водат грижа за културното наследство, водат грижа за сопствениот бес и политиката на сеење омраза и поделби во општеството“, рече Милошевски.

Истакна дека овие луѓе кои плукаа по спомениците во „платеничката револуција на СДСМ и Сорос“, Алаѓозовски ги постави во советот за лечење фрустрации и варваризам за да го советуваат како да ги уништува спомен одбележјата на македонската историја.

„Овие луѓе кои за историските херои зборуваат со понижување, хероите кои гинеле за Македонија ги нарекуваат ‘булумента’, плукаат по Никола Карев и Илинденците, и најавуваат дека ќе ги минираат, рушат, топат и уништуваат спомениците, сега истите тие луѓе ќе му ги даваат овие совети на сталинистот Алаѓозовски. За овие луѓе како Владе Милчин, Ѓунер Исмаил и Мирослав Грчев, оддавањето почесто кон историски важните личности во создавањето на македонската држава било навреда за нивната интелигенција“, рече Милошевски.

Вели и дека на ваквиот совет за лечење фрустрации на СДСМ и организациите од фондацијата на Сорос му препорачуваме да биде многу внимателен како ќе постапува.

„Мнозинството граѓани во оваа држава не го поддржуваат понижувачкиот однос кој СДС и Сорос го имаат кон македонската историја. Секој непромислен чекор на Алаѓозовски и советот против македонската историја и македонските херои, може да повлече соодветни последици. За целокупната негрижа, неодговорност и неспособност на СДС набргу ќе следи политичка одговорност“, заклучи Милошевски.