![petar2[1]](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/03/petar21.jpg?resize=427%2C267&ssl=1)
Сообраќајната несреќа во која загина директорот на македонската фудбалска репрезентација, Петар Милошески, а претседателот на Фудбалската федерација, Илчо Ѓорѓиески е повреден се случила околу половина час пред полноќ во кумановската населба Карпош кога дошло до судир меѓу возилото со кое се превезувале и друг автомобил.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во 23,35 часот на клучката од автопатот Крива Паланка – Куманово кај Карпош автомобилот „пежо 508“, сопственост на ФФМ, што го управувал Ѓорѓиески се судрило во автомобил УАЗ што го возел 62-годишниот Ж.Б. од селото Малотина.
При судирот поради тешки повреди на местото на несреќата Милошевски починал. Претседателот на ФФМ, како што велат од МВР, е со повреди и најверојатно надвор од животна опасност. Две други лица З.З. (34) и 24-годишната Р.И., кои истотака се возеле во „пежо“-то, се со тешки телесни повреди. Тешко повреден е и возачот на второто возило. Сите повредени, велат од МВР, се пренесени на лекување во Клиничкиот центар во Скопје.
Поради несреќата сообраќајот на автопатот бил во застој до два часот по полноќ. Возилата оштетени во сообраќајката подоцна се отстранети од патот.