Во вчерашното гостување во емисија „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа гостуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој истакна дека видлива е нервозата кај СДСМ и ДУИ, а европскиот фронт се повеќе наликува на корумпиран фронт кој што се фрагментира.
„Околу случувањата внатре во Алијанса не би се мешал премногу, тоа е нивна партиска турбуленција која самите треба да ја надминат, но она што можам со сигурност да го кажам е дека овие случувања во Алијанса, а со самото тоа и во владата, покажува дека паролата европски фронт, не е парола на заеднички вредности туку на заеднички интерес. Сега гледаме дека тој европски фронт под притисок на корупција, борба за власт, превласт, Артан Груби, Села, Таравари, Ковачевски, Џафери се расцепува полека и почнува секој да си го бара своето место по изборите на кои знаат дека ќе доживеат пораз. Прегрупирања на политичките партии кои стануваат свесни дека после изборите ќе има нов изборен победник во Македонија“ истакна Милошоски.
Тој посочи дека европскиот фронт сѐ повеќе наликува на корумпиран фронт кој што се фрагментира.
„Во изминатите денови во Собранието забележавме дека мнозинството многу тешко се собира на едно место дури и за значајни точки за нив кои што ги предложила владата. Изјавата што доаѓа од Мендух Тачи, доколку не гласаат за министрите тоа значи еден пратеник минус во собраниското мнозинство. Собраниското мнозинство за изборот на Талат броеше 65 или 66 пратеници, гледаме дека и пратеничката група на Алијанса за Албанците не е кохезивна, и таму 2 можеби 3 пратеници се на антивладина страна, другите се про-ДУИ, така што не сум сигурен каков ќе биде исходот од владината иницијатива за разрешување на двајцата министри“, нагласи Милошоски.
Милошоски кажа дека видлива е нервозата кај СДСМ и ДУИ кои стануваат свесни дека ја губат власта и со нивните потези се повеќе ги збунуваат директорите, министрите и симпатизерите на СДСМ и ДУИ.
„Парадокс е што токму Талат Џафери само пред пет дена на собранието ни ги понуди овие министри дека се најдобри за владата на ДУИ каде што СДСМ е втора виолина и сега после една недела истиот Талат Џафери пратил писмо за разрешување на двајца министри. Немаат што да кажат, не само што овде јавноста е збунета, и симпатизерите на СДСМ и ДУИ се збунети и од прилогот на Артан Груби каде им пишува на директорите кој да прифати или да не прифати оставка или одлука од сегашните министри. Самите луѓе во ДУИ и во СДСМ и владата и министрите, се многу нервозни“, посочи Милошоски.