Пратеникот Антонио Милошоски, еден од обвинетите во случајот „Моќник“ веќе ги известил и ги покани овој предмет да го следат „Коалицијата за правично судење”, Мисијата на ОБСЕ и Мисијата на ЕУ, со цел самите да се уверат, дека се работи за арбитрарен, правно неоснован и политички мотивиран случај, пишува Плусинфо.
За најавата за европскиот мониторинг на судските предмети во Македонија, тој вели дека тоа што Македонија ќе биде првата земја во регионот каде стручни правни лица од ОБСЕ и ЕУ ќе мониторираат судски случаи од висок профил, не е за пофалба за државата, туку само потврда дека голем дел од домашната и меѓународната јавност не гледаат со доверба на состојбите во правосудството.
„Но, кога веќе ваквиот правен надзор од ОБСЕ и ЕУ се јавува како нужност во македонскиот систем, тогаш истиот може да биде корисен за зголемување на законитоста и транспарентноста, особено на случаите кои обвинителството ги води претежно заради политички мотиви, а без издржана правна основаност, за каков што го сметам и предметот кој го водат против мене – вели Милошоски“.
Станува збор за случајот „Моќник“ за кој утре судијката Ленка Давиткова, закажа судско рочиште, откако претходното не се одржа поради отсуство на обвинети и нивни бранители кои до судот доставиле решенија за изолација поради коронавирусот.
Во ово случај пратеникот се товари за измама и злоупотреба на службената положба и овластувања. Обвинети се и неговиот татко и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески. На обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања треба да седнат и претседателот на некогашната Лустрациска комисија, Томе Аџиев и деветмината нејзини членови.
– Во обвинението нема ниту еден збор со кој се докажува мое учество во дејствија на извршување на кривичните дела кои ми се ставаат на товар. Обвинителот не опишал со кои дејствија наводно сум ги извршил кривичните дела „измама и злоупотреба на службената положба, на кој начин, ниту има време и место, ниту пак приложил докази за неговите тврдења, со што сторил повреда на член 321 став 1 точка 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП). Правен апсурд во обвинението е тврдењето дека сум довел во заблуда лица (11 советници во општина Македонски Брод) со кои никогаш сум немал никаква лична, правна и деловна комуникација. При тоа овие советници, за кои се тврди дека биле во заблуда, никогаш не иницирале процедура за поништување на правните акти за кои гласале и донеле едногласна одлука – вели Милошоски за Плусинфо.
Целиот текст прочитајте го ТУКА