
Оваа Предлог-резолуција во онаа форма во којашто веќе беше споделена со сите пратеници е предложена со цел да помине со најширок можен консензус. Цениме дека оваа Предлог-резолуција ќе ги зајакне и македонските дипломатски позиции, но исто така ќе влијае и како фактор на сплотување наместо поларизација внатре во македонското општество, изјави во четвртокот пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Претходно денеска ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во Собранието ја поднесеоа Предлог–резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции по однос на евроинтеграциите и блокадите коишто се наметнуваат на земјата .
„Тоа што би сакал денеска да го порачам и апелирам, согласно Деловникот секој пратеник има право да се придружи со свој потпис на ваква Предлог-резолуција од моментот кога таа е предложена. Ги повикувам пратениците на СДСМ, ЛДП, Левица, Алијанса, ДОМ, Демократски сојуз и сите други пратеници, дека уште од денеска можат слободно да го стават својот потпис и да се придружат на оваа Предлог-резолуција за утврдување на македонските државни позиции за евроинтеграции, за да не дозволиме блокадите и националните понижувања да ни станат предмет на преговори и ‘виткање на кичма’ во некој следен период“, истакна денес Милошоски.
Изрази надеж дека пратениците и партиите коишто декларативно истакнаа дека ќе ја поддржат Предлог-резолуцијата таква каква што е, од денеска па во следните неколку дена истата ќе ја потпишат.
„Очекуваме, исто така, и ретседателот на Собранието (Талат) Џафери, во најскоро можно време истата да ја стави на пленарна седница за да можеме да се изјасниме, очекувајќи дека ќе имаме широк политички консензус“, порача Милошоски.