Иницијативата за вонреден конгрес не е ниту статутарна, ниту е правна и е политичка иницијатива којашто има цел на премиерот Зоран Заев да му фрлат гума за спасување, истакна средата на прес-конференција пратеникот и член на Извршниот комитет на партијата, Антонијо Милошоски, одговарајќи на новинарски прашањер во врска со вонредниот конгрес што го закажа во соопштение до медиумите Иницијативниот одбор.
Милошоски повтори дека лицата од Иницијативниот одбор, кои бараат смена на Христијан Мицкоски, се блиски со Зоран Заев.
„Ова е политичка иницијатива на група луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Заев да му фрлат гума за спасување и да го одвлечат вниманието. Во моменти кога државата е хибриден режим, најкорумпирана држава во Европа, со нула вакцини, 3 илјади жртви, 55.000 нови невработени и многу затворени фирми, оваа иницијативна група се обидува тоа да го релативизира и Заев којшто во моментот во самото Собрание е на стаклени нозе со своето мнозинство да може да ја дефокусира јавноста да се занимава со споредни теми во опозицијата. Затоа сакам да напоменам дека ваквата иницијатива правно гледано е нестатутарна, политички гледано е координирана со Заев кому му е очајно потребен дефокус од лошите политики“, рече Милошоски.
Им порача на членовите на Иницијативниот одбор дека во март конгрес ќе одржи и СДСМ, па можат да направат заеднички конгрес. Што се однесува до раководството на ВМРО-ДПМНЕ, рече Милошоски, не се изненадени од ваквиот чекор.
„На крајот на краиштата, бидејќи и самиот месец март е најавен од самите иницијаторим би било добро овие иницијатори заедно со Заев кој што најави исто така конгрес на СДСМ да одржат сплотени со Заев еден заеднички конгрес ако веќе одработуваат за Заев нека биде тоа на еден економичен начин на исто место и со иста цел. И само да додадам исто дополнително за ова иницијатива тоа би сакал да кажам во ВМРО-ДПМНЕ воопшто не сме изненадени од ваквиот чекор, овој чекор веќе беше најавуван долго време политички е координиран со Заев но истиот сметаме дека статутарно е неоснован а политички може до одредена мерка да му послужи на Заев но нема да го спаси од реалните проблеми на корупција и хибриден режим во кој што ја доведе државата“, рече Милошоски.
Од Иницијативниот одбор, пак, во соопштението испратено утрово, наведуваат дека одлучиле да свикаат вонреден конгрес на 28 март.
„Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка. Делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на којшто му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг“, соопштија од Иницијативниот одбор.
Најавија дека во наредните денови ќе ги формираат телата за спроведување на конгресот, ќе го промовираат слоганот и ќе отпочнат со дистрибуција на покани и материјали за делегатите, а исто така ги повикаа заинтересираните кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ да достават апликации.