Актуелната влада посакуваше притисоци, но напротив, станува збор за една пријателска средба во која се разменети многу аргументи. За некои работи се согласуваме, за некои имаме различни мислења со господинот Ескобар, но во суштина целта е иста и заедничка, Македонија да напредува, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски за „Тема на денот“ во дневникот на Сител и истакна дека пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да го променат ставот.
Истакна дека на средбата со Ескобар било одговорено дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ веќе ја изразиле својата волја на 18 август и нема да поддржат уставни измени под овоие околности и под диктат на официјална Софија.
„Немало средба со поединечни пратеници, но ние не би имале проблем доколку во некоја прилика да има средба со цела пратеничка група како што беше случај со министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка. Како пратеници имаме многу повеќе аргументи, што да кажеме да тоа е дека власта со ова прашање за бугарските барања за смена на уставот покрива многу други реални проблеми“, рече тој.
Милошоски додаде дека со уставните измени власта ја покрива корупцијата, незадоволството на пензионерите, нема учебници во образование, има проблеми во здравство, земјоделие, и затоа потребни се избори.
„Ниту еден пратеник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да го смени ставот. Нашиот став е аргументиран и сметаме дека е во интерес на Македонија. Нашата цел е Македонија да биде понапредна држава, ако Македонија биде пофункционална со помалку корупција ќе има подобро здравство, армија, полиција, повеќе сигурност и безбедност, подобро образование, Македонија ќе биде подобра држава за себе и граѓаните и покредибилен партнер надвор. Првиот предуслов за тоа се избори и потоа да се работи на сериозни проекти“, нагласи Милошоски.