Милошоски, Митревски и Бендевска кандидати за потпретседатели на Собранието

Комисијата за прашања на изборите и именувањата ги утврди предлозите Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митрески од СДСМ и Весна Бендевска од ЗНАМ да бидат нови потпретседатели на Собранието.

На Комисијата помина и предлогот за екипирање на собраниските комисии. Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ја одржува втората седница.

Беше прифатено и барањето за остварување на отпремнина при заминување во пензија од поранешните пратеници Коле Чаракчиев, Стојан Миланов и Панчо Минов.

На денешната седница, со еден глас против, Комисијата го донесе и решението за добивање на апанажа на поранешните пратеници Арбен Зибери, Љатифе Шиковска, Енес Ибраим, Снежана Калевска Ванчевска, Бастри Бајрами, Вјолца Адеми и Бедри Фазли.

Комисијата го усвои и барањето за остварување на плата по престанок на функцијата член на Советот на јавните обвинители на Република Македонија на членот Арбен Исаку.

Со мнозинство гласови, денеска беше утврдена и Предлог – одлука за изменување и дополнување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија

Под точката разно, претседателот на Комисијата, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, ги информираше членовите дека потпишал решенија за плата на сегашните пратеници на кои што Собранието им го верификувало мандатот, на координатори на пратенички групи, на избрани претседатели на работни тела, на новиот претседател на Уставен суд, Дарко Костадиновски, како и на поранешна претседателка на судот, Добрила Кацарска.