Осуда на бугарскиот меморандум и апел до земјите членки на ЕУ, ЕК и ЕП за безусловна одлука за почеток на преговорите со Европската унија ќе бидат заклучоците на денешната расправа на Комисијата за надворешна политика, објави на својата Фејсбук страница пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
На денешната комисија за надворешна политика, на која ќе се расправа за македонско-бугарските односи во контекст на заканите за вето, на пратениците ќе им бидат предложени следниве заклучоци:
1.Собранието ги осудува позициите содржани во Објаснувачкиот меморандум на Република Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ во контекст на проширувањето и македонските евроинтеграции, како спротивни на Повелбата на Обединетите нации од 1945-та година, во која една од целите е развивање на “пријателски односи меѓу нациите засновани врз принцип на почитување на еднакви права и самоопределба на народите”, право кое неделливо му припаѓа и на македонскиот народ .
2.Собранието упатува апел до сите земји членки на ЕУ, до Европската Комисија и до Европскиот парламент да донесат безусловна одлука за почеток на преговорите со одржување на првата меѓувладина македонско-европска конференција.
-На Комисијата уредно се поканети и министерот Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Димитров, во чии работни обврски спаѓа и отчетноста пред пратениците како народни избраници, што е воспоставен европски стандард на контрола на законодавната врз извршната власт, вели во својата објава Милошоски.