![antonijo milososki pres](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/03/antonijo-milososki-pres.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
Поднесен е Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, потпишан од сите пратенички групи, информира денеска Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Во овој предлог закон измените предвидуваат две клучни работи.
– Првата е поместување на терминот за локалните избори за втората половина на октомври, што значи дека локалните избори би се одржале на 24 или на 31 октомври оваа година и втората измена е што се овозможува ефикасна употреба и реализација на законската обврска за употреба на уреди за отисок на прст при гласање, што ѝ овозможува на ДИК да биде на ефикасен начин поврзана со дата базата на МВР. Сметаме дека овие предложени измени ќе ја зголемат довербата во изборниот процес особено во едно за жал, поларизирано општество како што е нашето – рече Милошоски.
Втората работа што ја нагласи тој, е што се очекува во текот на денешната владина седница да се реализира и она што беше договорено на вчерашната лидерска средба, а тоа е Владата, договорот за одложување на пописот во септември да го преточи во предлог за измени и дополнување на Законот за попис на населението и во најкус можен рок да го достави до македонското собрание за да може согласно договорот да биде изгласан пред започнувањето на пописот.