
Обвинителството продолжува да биде алатка за притисок на власта кон неистомислениците, прокоментира на својот фејсбук профил пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, откако денеска беше соопштено дека Основното јавно обвинителство – Скопје поднесело обвинение за случајот „Моќник“, во кое обвинети се сите 13 лица што беа опфатени во истрагата, меѓу кои и тој.
„Секој опонент на политиката на кланот Заеви кој ги разоткрива аферите на нивното крими-владеење, без разлика дали е новинар, политичар или стопанственик, се соочува со ризикот да биде неосновано обвинет, со цел да биде заплашен, а политичките прогони служат како параван зад кој ќе се кријат актуелните рекети, афери и организиран криминал на власта. Но, се ќе има свој крај, вклучително и политичката злоупотребата на обвинители и судии од страна на власта на Заев“, напиша Милошоски.