
Нашата порака до директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, е да не се заканува со затворски казни кон граѓаните, туку самиот да размисли според член 41 во Законот за попис, кој вели дека директорот е лично и кривично одговорен за нефункционалноста на системот или за пробивањето на системот, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на денешната прес-конференција.
Неговата изјава следува откако денеска неколку програмери предупредија дека постојат начини како да се попишат луѓе без да живеат во странство.
– Излегува дека овој нефункционален систем којшто видовме дека некои граѓани успеале да го пробијат не е вина на граѓаните, туку е вина на самиот директор кој потрошил државни пари за неефикасен систем којшто ќе даде неверодостојни податоци. Кривичната одговорност за таквиот систем е лично кај директорот на ДЗС. Ова е уште еден показател дека пописот е многу сомнителен – рече Милошоски.