Милошоски: Стопанството и државата не можат да го издржат начинот на кој работи оваа власт

Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во понеделникот беше во посета на неколку стопански субјекти во општината Велес и притоа истакна дека стопанството во овој град, за жал, како и во цела Македонија, е под голем притисок и се соочува со сериозни тешкотии и порача дека токму поради  надминувањето на таквите состојби се наметнува потребата од предвремени парламентарни избори.

„Во Македонија има нови 55.000 невработени и економијата е речиси пред колапс, во Велес 2020 година во јануари имало активни 4.000 невработени лица, за денес бројот на невработени се зголеми на 5.500 и ова зголемување е голем товар за градот, а и намалување на куповната моќ и на стандардот на велешани. Затоа сакаме со стопанствениците да ги предочиме овие проблеми и да предложиме одредени решенија кои што би можеле преку Собранието да им помогнат за подобра работа“, рече Милошоски.

Пратеникот се осврна притоа и на уште една тема, исто така, поврзана со стопанството, односно за јавниот долг.

„Јавниот долг во Македонија достигнува шест и пол милијарди евра, а тоа се два Буџета. Видовме дека минатата година беа потрошени милијарда евра, но ефектот врз стопанството го нема, напротив имаме зголемена невработеност и имаме фирми коишто потешко живеат и работат. Затоа сметаме дека ваквиот начин на работа не е поднослив за државата, и е добар повод и од економска гледна точка, дополнително со ова нефункционално би рекол мнозинство во Собранието, да имаме предвремени парламентарни избори“, истакна Милошоски.

Според него, за тоа дали треба или нетреба да има предвремени парламентарни што неодамна го заговараше премиерот Зоран Заев, најдобро укажуваат сѐ поотворените изјави од помалите коалициони партнери на владејачкото мнозинство коишто состојбите во државата ги опишуваат како корумпирани и криминални.

„И затоа сметам дека за добробит на државата би било подобро во текот на октомври. за да биде и поекономично, заедно со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори на коишто сигурни сме дека незадоволството од стопанството, од образованието, од земјоделието и од многу други области ќе резултира со смена на оваа власт, којашто не покажа капацитет да направи нешто подобро и се занимава со лажни ветувања отколку што прави реални проекти“, истакна Милошоски.