Милошоски: Странските инвестиции во Битола и 1.200 нови вработувања се разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Индустриската зона „Жабени“ како и 1.200 вработени битолчани, но и новите странски инвестиции се разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, посочи носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Антонио Милошоски, на вечерашниот предизборен митинг во Битола.

„Кога не прашуваат зошто го поддржуваме Иванов, нашите пораки се јасни, затоа што е чесен како човек, морален како политичар, лојален на државата, човек на кого Македонија му е пред се’. Ѓорге Иванов како професор, Ѓорге Иванов како претседател, Ѓорге Иванов како човек го почитува својот народ, затоа зад себе ја поддршката и почитта од цела Македонија. Таков човек заслужи пет години да биде и уште пет години ќе биде претседател на Македонија“, истакна Милошоски.

Тој пред големиот број граѓани, излезени на градскиот плоштад да ја дадат својата поддршка за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, но и за кандидатите за пратеници на идниот состав на Собранието, додаде:

„Иванов во изминатите пет години имал многу говори, трибини, средби, многу ТВ дуели, настапи во земјата, надвор во странство, но никогаш и никого не омаловажил, не навредил или наклеветил. Така му доликува на претседател на една држава. Тој не треба да ја дели нацијата, тој не треба да враќа на оние што го омаловажуваат, бидејќи тој е над нив. Тој треба да обединува, а токму тоа е Ѓорге Иванов кој ги обединува сите. На спротивната страна гледаме противкандидат кој цело време бараше дуел, ТВ дуел, соочување, обвинуваше дека Иванов се плаши, дека Иванов бега од дуел, дека Стево Пендаровски е супериорен, дека знае се’, дека тој може се’, дека тој е најубав. Имавме дуел и видовме кој е кој. На ТВ дуелот се виде кој има државно искуство кој има политичко искуство, кој има зрелост. Откако виде дека ТВ дуелот е неуспешен двобој, дека само го дуваат тој балон да докажат дека за нешто што не е така, продолжи со својата ароганција, дека не сакал толку да се истакнува, затоа што не му било ќеиф, затоа што Иванов не му бил достоен, затоа што му бил чирак. Зарем така се зборува ли така за еден претседател?, праша Милошоски.

Милошоски  им порача на против кандидатите од СДСМ дека имале време да се покажат во Битола, но и во Македонија. Сега само им останала манипулацијата на граѓаните со враќањето на средната класа.

„СДСМ имаше свое време и можност да се покаже пред битолчани и се покажа.  Се покажа со затворената фабрика „Фринко“, се покажа со „Кожара“, се покажа со свиларата и туланата, вашите родители, сега дедовци беа отпуштени работници. Се покажа со „Жито Битола“ и со „Битола Текс“, но и со „ТАТ“ и многу други. Тоа е разликата, разликата е тоа што тие што ја уништија средната класа, не гледаат во очи манипулираат дека ќе ја вратат средната класа. Лесно му е на Заев со 7 милиони евра проценет имот да зборува за средната класа, лесно и е на Шекеринска да зборува за средната класа со 5.200 евра месечна кирија за живеење во сопствен стан. Тие не знаат што е отпуштен работник, тие немале стечаец во семејството, тие немале студент на кој што немаат да му дадат пари за студирање или живеење надвор. ВМРО-ДПМНЕ направи разлика во почитувањето на луѓето, во условите на живеење, во вложениот труд да се подобри животниот стандард“, истакна Милошоски.