Милошоски за Академијата за судии: Во еден член предвиден различен вкупен број на бодови за еден ист испит

Академијата за судии создава правна несигурност со дупло бодување предвидено во чл.45 од законот, вели Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Брзајќи да ги направаат судии роднините и соработниците на Рамиз Мерко (од ДУИ), раководството на Академијата за судии и обвинители (АСЈО) денес ќе одржи седница за да ги одреди датумите за полагање на квалификацискиот тест и на практичниот испит. Задачата за штелување на испитните бодови според рангот на “листата на подобните” ја имаат Џелал Бајрами, претседател на приемната комисија (екс министер на ДУИ) и директорката на Академијата, Габер Дамјановска (предлог на СДСМ).
Но, при големо брзање се прават големи грешки, па така пратениците од мнозинството заедно со неспособниот министер и заменичката за правда, на 28.02.2024 го изменија Законот за АСЈО и направија правен хаос и неспроведливост на членот 45 од истиот закон.

Имено, во Академијата тие што сакаат да се вработат како слушатели за идни судии, треба да полагаат и практичен испит за кој пред законските измени беа предвидени вкупно 100 бодови (70 бода од писмениот дел и 30 бода од усмениот дел). Со законските измени (Сл.весник бр.53/2024), за да се зголеми уделот на субјективниот фактор во бодувањето, неспособните министер Кренар и заменичката Мадиќ, предложија, а пратениците од СДСМ и ДУИ изгласаа, да се добиваат 35 бода од усмениот дел на испитот.

И сега Законот за Академија за судии има контрадикторен чл.45 кој во ставовите 9 и 13 пропишува 105 бодови од полагањето на практичниот испит, а ставот 14 на истиот член императивно наведува дека “на практичниот испит можат да се освојат најмногу 100 бода˝.

Конфузијата е толку голема што во еден ист член 45, а во различни ставови и тоа: (9), (13) и (14) од Законот за АСЈО, се пропишува дека збирот од практичниот испит предвиден во ставовите (9 и 13) изнесува вкупно 105 бода, што е во спротивност со вкупниот број на бодови кој е пропишан за практичниот дел од приемниот испит во ставот (14), кој вели вкупно 100 бода. Со ова практично е оневозможена примената на чл.45 од законот во делот на бодувањето на усниот дел од приемниот испит, а сите кандидати за прием на почетна обука во академијата се доведени во правна несигурност при добивањето на крајната оценка од приемниот испит преку пресметување на аритметичкиот збир од бодовите кои ќе се добијат од двата дела на приемниот испит.

Ваквата правна несигурност преку утврдување на 35 бодови за усниот дел од практичниот дел на испитот и вкупниот збир од 105 бода, претставува ситуација со која овие бодови го надминуваат вкупниот максимален број на бодови за овој дел од испитот кои изнесуваат 100 бода, и имаат свое влијание при изготвувањето на прелиминарната ранг листа од чл.46 став (1) на законот, но и при објавувањето на ранг листата со конечни резултати од чл.48 став (1) на законот.

Ова со право на секој кандидат за слушател во Академијата ќе му даде основ за покренување на тужба поради погрешно и нееднакво пресметување на аритметичкиот збир на бодовите и утврдувањето на конечната оценка кај секој кандидат одделно и ситуација од носење на одлуки за поништување на јавниот оглас и постапката за вработување на слушателите во Академијата за судии и обвинители.

Доказ плус дека министерството за правда е тотално неспособно е фактот што Управниот одбор на АСЈО, донесената законска измена од 28.02.2024 преку измена на бодовите, не ја имплементирал во подзаконските акти на Академијата:
– Статут бр.02-347/3 од 07.08.2023 во чл.46 став (3) и во
– Правилникот за полагање приемен испит во АСЈО бр.02-370/4 од 18.09.2023, во чл. 27 став (2), оставил по старо да сојат 30 бода од усмениот дел на испитот, со што де-факто ја потврдил неспроведливоста на членот 45 од Законот за Академија за судии.
Затоа, доколку Управниот одбор и приемната комисија во Академијата не реагираат навремено на оваа законска контрадикторност, тогаш и тие ќе бидат соучесници во спроведувањето на оваа правна несигурност и законска конфузија од чл.45 од Законот за АСЈО, што повлекува кривична и политичка одговорност. Затоа е најсоодветно, прво согласно чл.8а од Изборниот законик полагањето на овие испити да се стави во мирување до завршувањето на изборите (бидејќи овие испити се дел од постапка за вработување), и второ, раководството на Академијата за судии итно да ги извести неспособните министер и заменичката во Правда, дека неодложно е потребна амандманска корекција на чл.45 од Законот за АСЈО за истиот да биде спроведлив и да не создава правна несигурност при бодувањето на кандидатите за идни судии и обвинители.

Во меѓувреме и бруцошите од правен факултет ќе се смеат на ваквата неписменост на раководството во министерството за правда, пишува Милошоски на Фејсбук.