Талат Џафери на првата седница што ја води во Собранието на Република Македонија, почна да претседава на албански јазик, иако тоа е против деловникот и законските одредби, а пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски го повика пратеникот Џафери да ги почитува законите, барем до моментот додека она што го имаат договорено со СДСМ, не го преточат во законска одредба.
„На почеток на ова Собрание и на оваа седница почнувате да го кршите деловникот и законот за употреба на јазиците. 2008 година заедно со СДСМ и ДУИ и 2011 година потоа, овој закон имаше свои амандмани, во членот 1, став 3 пишува дека службен јазик во Собранието на Република Македонија е македонскиот, во став 2 пратеникот кој зборува различен јазик од македонскиот, а кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија може на седница на работно тело да зборува и на седница на Собрание исто така на својот мајчин јазик. Пратеникот кој зборува различен јазик од македонскиот, според став 3, а го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија, може на тој јазик да претседава и со седница на работното тело, но Собранието и пленарната седница не се работно тело. И апелираме овој закон да се почитува од сите пратеници и од пратеникот Талат Џафери, барем до моментот додека она што го имате договорено со СДСМ, не го преточите во законска одредба“, рече Милошоски.
Додаде дека денешната седница на Собранието почнуваат со една голема политичка, недемократска дамка, којашто ќе остане да виси над пратеникот Талат Џафери, бидејќи тој е досега единствениот што прифати една улога на недемократски начин, на нелигитимен начин, на нелегален начин, на едно скришно, неделовничко, надвор од седници и од заседание гласање, да биде октроиран претседател на Собранието.
„Втората работа што сакам да ја напоменам, е дека ова Собрание и оваа седница, за жал, почнуваат со една голема политичка, недемократска дамка, која што ќе остане да виси над пратеникот Талат Џафери, бидејќи тој е досега единствениот што прифати една улога на недемократски начин, на нелигитимен начин, на нелегален начин, на едно скришно, неделовничко, надвор од седници и од заседание гласање, да биде октроиран претседател на Собранието. Затоа ние вас ќе ве почитуваме како пратеник во Собранието, избран од граѓаните, со верификуван мандат, како што сите ние имаме мандати и сме должни да бидеме тука и да работиме во интерес на граѓаните, но ништо повеќе од тоа, затоа што сами влеговте во игра заради свои лични кариерни амбиции, да го кршите деловникот и да направите еден таков недемократски чин, кој за жал следуваше и со одредена ексалација на тоа незадоволство од овој законодавен дом“, заклучи Милошоски.