Од ова место сакам да им порачам на сите оние коишто се неправедно затворени во овој политички прогон, дека љубовта кон татковината не е кривично дело, да живее Република Македонија и сите коишто и 2001 и 1991 и 1945 година покажале патриотизам за Република Македонија, истакна во понеделникот вечерта на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда Антонио Милошоски.
„Ова се случува поради неколку причини, сегашната власт не е дојдена на таа позиција каде што е денес за да донесе 100 илјади денари плата за лекарите, тие знаат дека таа лага не можат да ја исполнат, сегашниот премиер не е на тоа место за да направи повраток на ДДВ, тој знае дека таа лага не може да ја исполни, тие знаат дека ветувањето кон учителите, пензионерите и земјоделците не можат да ги исполнат и дека економски немаат никаков план, економијата има се послаби резултати и за да ја покријат својата неспособност апсат и прават селективна правда, нарачани пресуди“, потенцираше Милошоски.
Додаде дека тие што верувале во подобро здравство, повисока плата и чист воздух, кога ќе видат дека се изневерени нивните очекувања сегашната марионетска влада ќе ги покрива своите неспособности со нарачан политички прогон и политички пресуди.
„Сите сме свесни дека ова што се случува во Македонија е селективна правда која е еднаква на неправда. Неправдата ќе роди други неправди, реваншизмот ќе роди друг реваншизам, незадоволството ќе роди нови поделби и нови тензии и тоа на некого му одговара, Македонија да живее во тензии, неслога и разор за да може некој во меѓувреме да ја сокрива својата неспособност за да ги испорача проектите коишто ги ветил пред избори, а свесно знаел дека лаже“, заклучи Милошоски.