Од насилна смрт лани во Македонија умреле 497 лица, што претставува намалување за 3,1 отсто во однос на 2015 година, соопшти Државниот завод за статистика.
Умрените од насилна смрт во вкупниот морталитет учествуваат со 2,4 отсто. Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, и во 2016 година, како и во претходните години, поголемо учество (76,1 проценти) имаат машките лица.
Во вкупниот број на случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат „несреќните случаи“ со 71.2 отсто, „самоубиствата“ со 25.2 проценти и „убиствата“ со 3.6 отсто.
Во категоријата „несреќни случаи“, најголемо учество (26.0 отсто) имаат умрените лица од „други надворешни причини за случајна повреда“.
Во категоријата „самоубиства“, случаите кај коишто смртта настапила поради „бесење, странгулација и суфокација“ имаат најголемо учество со 13.5 отсто.
Во категоријата „убиства“, доминантна причина за смрт е „обид за нанесување на телесна повреда со тап предмет“, со учество од 1 процент во однос на вкупниот број на случаи од насилна смрт, информира Државниот завод за статистика.