Институтот за јавно здравје информира дека месецов е зголемен бројот на заболени со Ковид-19. Во периодот од 16 до 22 септември регистрирани се 64 нови позитивни случаи, што е зголемување од 12,3 отсто во однос на претходната недела.
Регистрирани се заболени лица од девет градови. Најголем дел се од Скопје, а највисока инциденца е регистрирана во Пехчево.
– Евидентирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најголем број на случаи пријавени се во возрасната група над 60 години. Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 69 лица. Претходната недела пријавено е едно починато лице асоцирано со КОВИД-19, од Тетово, од возрасната група над 65 години. Лицето е вакцинирано со 2 дози против КОВИД-19, поминати 3 години од последната доза на вакцина, со регистрирани коморбидитети. Позитивното лице е починато во болнички услови, информираат од ИЈЗ.
Во текот на оваа година регистрирани се вкупно 1.624 заболени од Ковид-19, и 21 починато лице, додека од појавата на првиот случај на Ковид-19 во земјава, пријавени се вкупно 251.940 заболени и 10.000 починати лица.
– Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Битола и Куманово, а највисок морбидитет е во Кавадарци. Највисок морталитет има во Охрид, Кавадарци и Прилеп. Највисок леталитет се регистрира во Струга и Крива Паланка, соопштуваат од ИЈЗ.