Минчев се сретна со претставници на ОЕЦД и СИГМА

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунијан, виш советник при Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Грегор Вирант, раководител на програмата СИГМА.

На средбата се разговараше за тековните реформи во јавната администрација и можностите за понатамошна соработка во нивната имплементација.

Главен фокус на состанокот беше ставен на приоритетите и заложбите на Министерството за јавна администрација, особено на предлог законите и стратегиите што имаат за цел унапредување на ефикасноста и професионалноста на јавните институции.

Раководителот на програмата СИГМА Вирант, ги претстави своите препораки и согледувања за предизвиците со кои се соочува Министерството, посебно во областа на управувањето со јавната служба и зајакнувањето на административните капацитети.

Министерот Минчев ја нагласи важноста на реформите во јавната администрација за подобрување на квалитетот на јавните услуги и за градење поголема доверба на граѓаните во институциите. Тој упати благодарност за континуираната стручна поддршка од страна на ОЕЦД и СИГМА и истакна дека Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на модернизација на јавниот сектор и подобрување на неговата ефективност.

На крајот од средбата, беше истакната можноста за продолжување и продлабочување на соработката, редовна размена на искуства, како и следење на напредокот во реализацијата на клучните реформи.

Средбата беше оценета како важен чекор кон унапредување на јавната администрација и поттикнување на долгорочни партнерства за реформи.