Минималната кошничка на едно семејство од четири членови во февруари годинава изнесува 57.476 денари, што претставува зголемување за 313 денари во однос на јануари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ, кој ја пресметува месечната кошничка според официјалните статистички податоци.
Со изнајмен стан од 60 квадрати, пак, минималните трошоци во февруари изнесуваат 72.851 денари и се зголемени за 213 денари во споредба со јануари.
Според податоците што ги објави ССМ, најголемите трошоци за семејството се за храна и за пијалаците, 21.219 денари, потоа за образование и за режиски трошоци. За транспорт месечно четиричлено семејство треба да издвои 4.956 денари, додека за рекреација и култура 4.245 денари, а за личната хигиена – 2.912 денари.