Минималната плата од март ќе биде помеѓу 22.500 и 23.000 денари, вели Тренчевска

„Од 22.500 до 23.000 ќе биде минималната плата од март 2024 година. Ако земеме колку беше во 2022 година, а колку е сега, имаме над седум илјади, скоро осум илјади денари покачување за година и пол на минималната плата“ рече министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во „Топ тема“ на Телма.

Таа додаде дека ако се навратиме во 2017, кога минималната плата беше 10 илјади денари, сега покачувањето е повеќе од двојно.

„За минималната плата имаме системско решение. Како што растат трошоците за живот и просечната плата, така ќе расте и минималната плата. Се гледаат резултатите од тоа. Просечната плата постојано расте и кога ќе немаме инфлација, а просечната плата расте, тоа значи дека повторно ќе имаме зголемување на минималната плата“ рече Тренчевска.

Министерката објасни дека не може да има плата помала од минималната и дека доколку некој зема плата пониска од предвидената минимална плата тоа треба да го пријави во Државниот инспекторат за труд за да биде санкциониран работодавачот и да му се усогласи платата.