Министер на Заев ги нарекува ВМРО-ДПМНЕ фашисти

Оливер Ристовски, заменик министер за правда од владејачката СДСМ, во синоќешното телевизиско соочување со претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Менкиноски, со несфатлива леснотија изрече тешка квалификација велејќи дека опозициската партија „спроведувала фашизам“.

Очигледно стручната инфериорност во однос на својот соговорник во текот на дебатата во емисијата „24 Анализа“ на телевизијата 24, придонесе Ристовски во немањето аргументи да посегне по клевети и навреди и како свој аргумент меѓу другото да наведе дека „фашизмот на ВМРО-ДПМНЕ го уништи овој народ“, најверојатно мислејќи на македонскиот народ. Менкинкоски веднаш реагираше барајќи извинување од соговорникот.

Спорениот момент може да се види во последните минута и пол од дуелот.

Во петокот ВМРО-ДПМНЕ побара најитно извинување за навредите и етикетирањата од типот фашисти упатени кон партијата од страна на владиниот заменик министер Оливер Ристовски, искажани во една емисија на телевизија со национална фреквенција, се вели во соопштението на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат Заев да го разреши од позицијата во Владата, а во спротивно ќе докаже дека директно тој стои зад ваквиот говор на омраза.

-Стравот од пораз ги прави нервозни. Очигледно е дека СДСМ во недостаток на аргументи и исплашени од пораз се во паника. Недозволиво е нивниот страв од неминовниот пораз на 12 април да го прикриваат со најразлични лаги и манипулации, како и да шират клевети само поради тоа што знаат дека за неколку месеци нема да бидат власт, се наведува во соопштението.