Министерката Јанкулоска присуствуваше на селекцијата на првата група пилоти на аердромот Петровец

Министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Митко Чавков денес го посетија Центарот за обука на пилоти во касарната “Страшо Пинџур“ во Петровец а по повод почетокот на таканречената AIR Screening – селекција во воздух со првата група  кандидати за прием на пилоти на полициски хеликоптер по конкурсот што МВР го објави пред неколку месеци, соопштија од министерството.

При посетата министерката беше информирана за досегашниот тек на селекцијата и тековната фаза на селекција во воздух – AIR Screening. Оваој дел од селекцијата ќе се одвива во два дела за 34 кандидати. Првата група од седумнаесет кандидати почнувајќи од денес селекцијата во воздух ќе треба да ја заврши до 17 идниот месец, додека селекцијата за втората група од исто така 17 кандидати ќе започне на 11 август а ќе трае до 12 септември.

Од објавувањето на конкурсот за потребите на хеликоптерската единица на МВР се пријавиле вкупно 469 кандидати (од кои 407 од мажи и 59 жени), а досега биле реализирани неколку видови селекција, стои во соопштението од министерството.

При административната селекција отпаднале 44 кандидати (заради возраста (од нив 38 машки и 6 жени кандидати). Потоа на проверката на физичките способности биле повикани 422 кандидати од кои 298 успешно ја минале оваа фаза на селектирање, а по ова следело тестирање за познавање на англискиот јазик на кое успешно поминале 214 кандидати од кои 182 мажи и 32 жени.

На лекарските прегледи спроведени според критериумите за ПС отпаднале 16 кандидати, а останатите 198 кандидати биле упатени на т.н. селекција на земја која што успешно ја поминале 35 кандидати од кои 30 мажи и пет жени. По ова следела фазата на воздухопловни лекарски прегледи на кои отпаднал само еден кандидат, а останатите 34 кандидати се упатени на AIR Screening – селекција што ќе се реализира во наредниве два месеци.