Министерката Петровска пристигна во Украина

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово пристигна во посета на Украина, во знак на поддршка на украинското лидерство и украинските граѓани во борбата за одбрана на својата земја и зачувување на својот суверенитет, соопштија од Министерството за одбрана.

Како што додаваат, Петровска во Украина при средбите со претставници на официјален Киев ќе го пренесе ставот кој Македонија го имаше од самиот почеток на руската агресија, а тоа е дека Македонија целосно го поддржува украинскиот суверенитет во своите меѓународно признати граници и дава поддршка на правото на Украина за самоодбрана. Воените дејствија, уништувањата и страдањата на украинскиот народ, се наведува во соопштението од МО, мора веднаш да запрат.

Како што е најавено, министерката Петровска во Украина лично ќе се запознае со последиците од уништување и разорување предизвикани од руската агресија, а од претставниците на официјален Киев одблиску ќе се информира за состојбата на теренот.