Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски. Во рамките на посетата, градоначалникот Коњановски ја запозна министерката Божиновска со реализираните проекти, како и за проектите кои што се во тек на реализација во општината, а се однесуваат на подобрување на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.
„Драго ми е што со денес реализирав продуктивна средба со Градоначалникот на Битола, каде што разговаравме за досега имплементираните проекти и решенија, за можностите за подобрување на енергетската ефикасност и одржливите практики низ општината и веќе изготвените 5 проекти со кои Општина Битола има за цел да го започне процесот на транзиција кон зелена енергија. Го поздравувам проактивниот пристап на Градоначалникот за интегрирање на мерките за обновлива енергија и енергетска ефикасност во развојните програми на Битола, посебно за проектот за гасификација. Оваа посветеност се усогласува со нашите национални приоритети и нѐ носи чекор поблиску до почиста, поодржлива енергетска иднина за сите граѓани“, истакна министерката.
Градоначалникот посочи дека општинската администрација работи на уште многу проекти, за кои што во иднина ја очекува поддршката од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.