Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во касарната „Илинден“ – Скопје, во понеделникот имаше неформална средба со припадниците на Армијата на Република Македонија кои беа дел од последната ротација во мисиите „Одлучна поддршка“ – Авганистан и „Алтеа“ – Босна и Херцеговина. Министерката Шекеринска во оваа прилика упати благодарност до сите припадници на Армијата кои досега учествувале во мисиите во поддршка на мирот и безбедноста, и до нивните семејства.
„Навистина сте препознатливи со вашето присуство во мисиите, вие сте амбасадори на државата и со својот личен труд покажувате колку може да и се помогне на својата земја и затоа сакам најискрено да ви се заблагодарам. Целта ќе ни биде да ја подобриме ефикасноста и обученоста на нашата армија“, рече Шекеринска.
Во оваа прилика министерката Шекеринска уште еднаш ги пренесе пофалните зборови упатени кон мировниците на Македонија при неодамнешната посета на Брисел и нагласи дека определбата на оваа Влада е да се врати ентузијазмот, вниманието и реформите високо на агендата. Таа побара да ги слушне сугестиите од мировниците – дали нешто им недостига во поглед на опрема и подготовки.
Од страна на припадниците на АРМ беа пренесени позитивните впечатоци, пофалби и признанија со кои се стекнале за време на овие мисии, токму поради нивната подготвеност и професионалност. На неформалната средба се дискутираше и за начинот на пренесување на искуствата стекнати од мировните мисии на идните мировници, подобрување на одредени сегменти во процесот на упатување во мисија, опремување со соодветна опрема и сл.