Министерката за одбрана против Франција да истапи од НАТО

Франција не треба да истапи од членството во НАТО, бидејќи оваа организација има голема важност во текот на конфликтни ситуации во светот каква што е актуелната околу Украина, туку земјата треба да има глас во Алијансата, изјави франциската министерка за одбрана Флоранс Парли.

„Во моментов зоната на напрегнатост се наоѓа во центарот на Европа, тоа нѐ потсетува на режимот на конфликтност од времето на Студената војна, така што верувам дека НАТО има своја корисност и вредност… Затоа разговорите за тоа дали да се остане во НАТО или не…, сметам дека ние сме сојузници, добри сојузници, даваме свој придонес и финансиски и воен, но да даваме придонес без да имаме свој глас, а тоа ќе биде случај доколку излеземе од Алијансата, нема да бидеме најдоброто решение“, изјави министерката Парли за каналот France info.

Таа беше прашана во врска со постојаната јавна дебата во Франција дали земјата треба да истапи од НАТО, а според Парли многу е важно да биде слушна и гласот на Франција во блокот.

Дебатата за француското членство во НАТО речиси редовно се актуелизира во периодот на кампањите за претседателски избори, како и годинава кои ќе се одржат во април. Очекувано ова прашање сега го поставија лидерката на крајно десната партија Национален собир, Марин Лепен, како и крајно десничарски ориентиран новинар Ерик Замур кој исто така најави претседателска кандидатура.

Франција, инаку, во 1960-те години при крајот на мандатот на претседателот Шарл де Гол, НАТО го гледаше како инструмент на американските геополитички интереси и како ограничување на француската независност. Затоа француските воени сили во 1966 година ги напуштија командните структури. Последица на тоа беше седиштето на НАТО, кое дотогаш беше во Париз, да се премести во белгискиот Брисел. Дури во мандатот на претседателот Николас Саркози, Франција во 2009 година повторно се врати во воените структури. До приближување дојде уште во 1990-те години во текот на војните во поранешна Југославија.

Но Франција не е единствен таков случај, и Грција од 1974 до 1981 година и Шпанија од 1986 до 1999 година, не беа дел од командната структура, но сепак останаа членки на НАТО.