Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денес го посети основното училиште „Браќа Рамиз – Хамид“ во општина Шуто Оризари, каде се во тек градежни зафати со кои се врши доградба на постоечкиот објект, со што се зголемува капацитетот за изведување на настава за околу 560 ученици.
„Средствата во висина од 73.441.944 денари се обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука. Со оваа инвестиција, учениците и училиштето добија дополнителни два ката со вкупна површина од 2000 м2. Просторот е организиран така што се оформени 21 училница, со комуникации со постоечкиот објект, санитарии и атриум. Со средства на Министерството за образование и наука извршена е и доградба на објектот на основното училиште „26 Јули“, со што се обезбеди дополнителен простор од 1080 м2 за изведба на наставата за околу 270 ученици, доколку наставата се одвива во една смена. Изградени се нови 9 училници и помошни простории на приземјето и првите два ката, додека на последниот кат има сала за состаноци. Градбата е целосно завршена и во наредниот период ќе биде отпочната постапка за избор на најповолен понудувач за опремување со мебел,“ изјави министерот Адеми.
Од оваа учебна година како што е веќе познато, настава ќе се одвива и во првото средно училиште во оваа општина. Објектот со 14 училници и 4 кабинети е изграден, во тек се активности за негово опремување. За оваа инвестиција МОН обезбеди 87.541.460 денари. Објектот има подрум на еден дел, приземје и кат со вкупна површина од 2400 м2. Во состав на објектот изградена е и училишна спортска сала.