Министерот Бени Ганц поднесе предлог-закон за предвремени избори во Израел

Израелската Партија за национално единство, предводена од министерот во воениот кабинет, Бени Ганц, поднесе предлог-закон за распуштање на израелскиот Парламент (Кнесет) и одржување предвремени избори во земјата, јави израелскиот весник „Хаарец“.

Во Израел со недели се одржуваат протести со кои се бара предвремени избори, а демонстрантите тврдат дека владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху лошо управува со војната во Газа и дека не направила доволно за да постигне договор со палестинскиот Хамас за враќање на заложниците од палестинската енклава, пишува „Ал Џезира“.

Ганц кон средината на мај соопшти дека неговата опозициска Партија за национално единство ќе се повлече од коалициската влада доколку планот за повоено управување со Газа не биде консолидиран и одобрен до 8 јуни, со што се доведува во прашање иднината на израелската Влада.

Нетанјаху потоа го обвини дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас“, и дека исполнувањето на неговите барања би значело „крај на војната и пораз на Израел, напуштање на повеќето заложници, оставање на Хамас на власт и создавање на палестинска држава“.