Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска најави деветта авиолинија во земјава. Како што рече на меѓународната конференција за бизнис дипломатијата, се уште не може да каже јавно за што станува збор, но „дијаспората ќе биде многу среќна кога ќе слушне“.
Очекувањата на Николоски се дека пред нас е стабилна и исклучително успешна година со рекорден број странски инвестиции, како и дека земјава ќе биде „број еден во регионот“.
-Утрово имам потврда за деветтата авиолинија, но се уште не можам да ја кажам јавно. Мислам дека нашата дијаспора ќе биде многу среќна. Владата во овие 6,5 месеци има доенсено девет нови авионски линии, а можам да најавам и почеток на реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром, истакна Николоски.
Во обраќањето на конференцијата тој се осврна и на останатите инфраструктурни проекти. Очекува, како што рече, до почетокот на летната сезона да бидат пушетни 40 километри од автопатот Охрид – Кичево, како и „многу убави вести во следниот период“ за брзата пруга на Коридорот 10 која треба да биде главниот крвоток на Македонија.
-Пред нас имаме стабилна година и мислам дека ќе биде исклучително успешна. Доколку во нашиот најголем трговски партнер, Германија, се стабилизира состојбата ако не оди нагоре, мислам дека ќе бидеме број еден во регионот. Тука, секако, најзначаен е бизнис секторот од кој очекуваме сериозна поддршка. Очекуваме и рекорден број странски инвестиции, независно дали од постојните или од нови инвеститори. Досега отворивме 42 километра експресни патишта. Во следните три месеци очекувам отворање на уште десет километри, а до крајот на годината и да заврши целосното решение од главниот град до Прилеп или автопат или експресен пат. Моментно интензивно работиме на преку 150 километри автопатишта во државата, се гради Прилеп – Битола, Охрид – Кичево, популарната Стража, има тендер за Скопје – Блаце за конечно да се заврши и тој автопат, кон Косово, рече министерот.