Министерот Тошковски во посета на Одделот за заштита на определени личности и објекти

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес беше во посета на Одделот за заштита на определени личности и објекти при Бирото за јавна безбедност каде што одржа состанок со поширокото раководство.

Министерот од нивна страна беше запознаен со структурата на Оддеот и делокругот на работа кој опфаќа обезбедување на домашни и странски ВИП личности, обезбедување на објекти од посебно значење, обезбедување на дипломатско-конзуларни претставништва во државата како и обезбедување на манифестации.

„Во делот на човечките ресурси и овој Оддел се соочува со недостаток бидејќи пополнетоста е на незадоволителни 55% имајќи го предвид видот и спецификите на нивната работа. Состојбата со возила е лоша како и во најголем дел од организациските единици во МВР, а освен возилата за оперативно работење кои се стари и амортизирани, има недостаток и на соодветни возила за превезување на странски делегации. Имајќи предвид дека ова е специфична служба која е лицето на Министерството за внатрешни работи при посети на странски делегации, во иднина е потребно да се изврши преструктуирање, спроведување на соодветни обуки за вработените и инвестирање во современа опрема и возила неопходна за ефикасно и професионално извршување на нивните задачи.“, подвлече министерот по средбата.