Министерот за образование бара социјални мрежи да не се користат во училишта

Македонското министерство за образование (МОН) ќе предложи на владина седница да се направи итна проценка на состојбите и безбедносните ризици кои се потхрануваат од одредени социјални мрежи како тик-ток.

Причина за тоа се случувањата во соседна Србија со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, информира министерот за образование Јетон Шаќири.

„Тие социјални мрежи не треба да се користат во училишна средина. МОН изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, за да се намалат ризиците. Ги повикувам сите наставници, како и родители, на поотворен дијалог, надминување на шокот и неверувањето, промоцијата на разбирањето и позитивните согледувања, со цел да се помогне на своето дете, како и на децата околу нас, бидејќи тие се најзагрозената категорија во моментот“, соопшти Шаќири.

Министерството соопшти дека веќе се прават консултации со експерти од неколку институции и факултети за да се зајакнат превентивните програми за борба против булингот и насилството.