Министерот за правда со критики за Судскиот совет: Лицемерие не е вредност, oдговорност мора да има!

Судскиот совет наместо да делува законски и да презема дејствија против незаконските постапувања на одредени судии и претседатели на судови, цело време неодговорно се бранат со јавна покана за учество на министерот на седници каде не може да присуствува заради препораките на ГРЕКО и законот, вели министерот за правда, Кренар Лога.

„Сите овие месеци откако ја презедов одговорноста да бидам носител на функцијата министер за правда, од нив имам побарано само да го почитуваат законот и ништо друго.

Во јавноста се силат дека се конструктивни, а во позадина чуваат предмети за да застарат.

Не може одговорен орган да има двојни аршини, за некој морков, а за друг стап за доделување моќ.

Одредени членови на Судски совет се свесни дека е време да си заминат дома, а исто така е дојдено време и да одговораат за сите преземени дејствија во минатото што ќе биде санкционирано со новите измени на законот.

Одговорност мора да има и ќе има. Законот над сè и пред сè.

Имаат храброст да му се спротистават на министерот, а немаат грам храброст кога истите ставови се кажуваат и од меѓународните претставници.

Пoчитувани, одредени членови на Судски совет: Лицемерие не е вредност“ – порача Лога.