Министерството за економија и труд им стои на располагање на компаниите и стопанствениците, порача Ристески од Охрид

Денес бев во работна посета на Охрид, при што остварив средба со хотелиерите и занаетчиите, а ја посетив и фабриката ,,Костал” – една од најголемите странски инвестиции со над 1000 вработени. Поразговаравме за актуелните состојби, идните планови, предизвиците и проблемите со кои се соочуваат и се обврзавме за заедничко креирање на стратегиите, како и за изнаоѓање решенија за подобрување на состојбите, информира заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

-Недостатокот на работна сила, сивата економија и нелојалната конкуренција се основните проблеми кои хотелиерите ги истакнаа како кочница за развој на туризмот.
Се обврзав за реална категоризација на капацитетите (што до сега не беше случај) и поефективно издавање на Решенијата за категоризација.
Занаетчиите имаат потреба од поддршка со цел да се зачуваат дефицитарните занаети и занаетите во изумирање. Во таа насока, Министерството за економија и труд работи и ќе понуди мерки за поддршка кои ќе дадат резултати и ќе значат развој и промоција на претприемништвото и занаетчиството.
На средбата со генералниот директор на Костал Македонија – Виктор Мизо, разговаравме за тековната работа на компанијата, идните планови, како и состојбите на светскиот пазар и влијанието на овие трендови на нивната работа.
Костал е пример за тоа како странските инвестиции можат да донесат значителни придобивки за економијата и развојот на целата држава.
Министерството за економија и труд им стои на располагање на компаниите и стопанствениците, ја имаат нашата поддршка и вратите се отворени за соработка.