Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и директорот на Државниот завод за статистика, д-р Дејан Станков, денес потпишаа Меморандум за соработка, кој поставува основа за заеднички активности и иницијативи во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини. Меморандумот ја отсликува посветеноста на двете институции за унапредување на податоците и политиките, како и за поддршка на економскиот и енергетскиот развој во земјата.
Целта на овој меморандум е воспоставување рамка за соработка меѓу двете институции, со цел ефикасни, релевантни и точни статистички податоци за креирање на политики и стратешко планирање.
„Со потпишувањето на овој меморандум, поставуваме основа за долгорочна и продуктивна соработка која ќе резултира со подобрување на податоците, анализите и ефикасноста во процесите што ги движат енергетиката и економијата,“ истакна министерката Божиновска.
Директорот Станков додаде дека меморандумот претставува значаен чекор за унапредување на статистичките податоци во областа на енергетиката, што е клучно за носење информирани одлуки и следење на трендовите.
Двете институции тесно ќе соработуваат во размена на податоци и информации. Со цел обезбедување на ажурирани и точни статистички податоци за енергетскиот и рударскиот сектор, вклучувајќи производство, потрошувачка и извоз на енергија, како и релевантни податоци за обновливи извори на енергија.Спроведување заеднички анализи за идентификување на трендови и предизвици во овие сектори, со цел подобрување на енергетската ефикасност и одржливост. Обезбедување на релевантни статистички податоци за формулирање на енергетски како и политики и стратегии во областа на рударството и минералните суровини, кои ќе придонесат за економскиот развој на земјата.
Оваа соработка ќе овозможи подобро разбирање на енергетските потреби и ресурси на земјата, што е од клучно значење за планирање и имплементација на енергетски проекти и иницијативи. Дополнително, ќе се поттикне транспарентноста и достапноста на податоците за јавноста, што ќе придонесе за зголемување на довербата во институциите и нивните активности.