Министерството за одбрана демантира дека нетранспарентно делеле грантови

Министерството за одбрана ги демантира информациите објавени во повеќе медиуми дека министри, советници во владата на премиерот Зоран Заев и поддржувачи на СДСМ се дел од невладините организации кои добија пари за проекти од Министерството.

Грантовите за невладиниот сектор од Министерството за одбрана за прв пат се доделени преку јавен повик и транспарентна постапка. Доделените грантови за проекти во невладиниот сектор се селектирани согласно јасно наведените критериуми во јавниот повик објавен на 5 април 2018 година. Доделувањето на такви средства во изминатите години се вршеше зад затворени врати, во четири очи. Ова е промена на таа практика и прв јавен повик кој овозможи транспарентност во распределбата на средствата, како и еднакви шанси за сите заинтересирани корисници кои ги исполнуваат пропишаните услови.Ваквиот начин на работење е уште една потврда за транспарентното работење на Министерството за одбрана во областите каде треба да биде вклучена јавноста и каде треба да се води сметка за јавниот интерес, како што е користење на буџетски средства за афирмација на проекти и вредности од важност за државата и за Министерството, велат од МО.

Според нив, во повикот било наведено дека ќе бидат поддржани проекти што имаат за цел афирмација на процеси и вредности од важност за државата и за Министерството, односно проекти од областите евроатлански интеграции, популаризација на службата во АРМ, зголемување на транспарентноста во одбраната, како и придонеси во креирањето на одбранбената политика и реформите во одбраната, и значењето и улогата на родовите перспективи во оваа сфера.

Распределбата на средствата предвидени во буџетот на МО за 2018 за поддршка на проекти на здруженија на граѓани и фондации, е извршена согласно добрата практика за обезбедување финансиски средства утврдена во Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации, како и врз база на критериуми за бодирање на предложени проекти, велат од МО.